Уапсен Македонец во Србија, возел со 184 на час, се забил во полициско возило и повредил полицаец

Полицијата во Србија завчера уапсила 23-годишен македонски државјанин на автопатот кај Бујановац. Тој предизвикал сообраќајна несреќа откако се забил во полициско возило, притоа повредувајќи полицаец, а оштетил и полициски радар, пренесуваат српските медиуми.

Информацијата ја потврдил Бобан Накиќ, јавниот обвинител во Бујановац.

„На државјанинот на Северна Македонија одреден му е притвор бидејќи денеска на автопатот кај Бујановац возел 184 километри на час, удрил во службено полициско возило и повредил полициски службеник. При ударот бил оштетен и полициски радар. Материјалната штета што настана во таа прилика се проценува на над 2 милиони динари“, изјави Накиќ.

Несреќата, според информациите, се случила на делницата од автопатот меѓу Бујановац и Прешево.