Бразил, Хрватска и неколку европски земји издадоа сина потерница од Интерпол за Кристијан Палиќ
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја соопшти дека во Истанбул е уапсен уште еден хрватски државјанин кој го бара Интерпол. Станува збор за Кристијан Палиќ, кој е осомничен дека е еден од водачите на западнобалканското крило на меѓународниот нарко картел.
Сина потерница на Интерпол за Палиќ распишаа Бразил, Хрватска и неколку европски земји.
Како што пишува Јутарњи лист, било утврдено дека Палиќ бил еден од водачите на картелот, задолжен за снабдување на Европа со кокаин од Јужна Америка и дека соработувал со картели кои дејствувале во Европа, воспоставувал врски со криминални организации во Јужна Америка и играл важна улога во перењето пари. Дел од турските медиуми тврдат дека тој бил клучот во тие незаконски активности.
Кристијан Палиќ извесно време бил следен од турските власти, а бил уапсен во акција под кодно име „Картел-3“ во Бешикташ.
Неговото апсење ја нагласува клучната улога на Турција во глобалната борба против прекуграничните злосторства поврзани со дрога, објавија турските медиуми.
– Би сакал нашата драга нација да знае дека сме решени да ја исчистиме Турција од националните и меѓународните организирани криминални организации и трговците со дрога и со ваша поддршка ќе успееме – објави Јерликаја на социјалните мрежи и им честиташе на полицајците кои го извршија операција за апсење.
Ова апсење се очекува да има сериозни последици за западнобалканското крило на нарко картелот.
Вчера во Истанбул беше уапсен и Ненад Петрак, исто така дел од моќниот балкански нарко картел .