Убиениот Буњаку работел во МЕПСО, поради сообраќај била престрелката- објави полицијата

35-годишниот Хабиб Буњаку, вработен во администрацијата на државната енергетска компанија МЕПСО, починал во болница, од раните кои ги добил во престрелката на паркинг во Чаир.

Буњаку бил донесен во хируршката болница во центарот на Скопје, но поради тешките повреди, лекарите не успеале да го спасат. На паркингот, според полицијата имало престрелка меѓу две групи која според пријавата на инцидентот во МВР, била поради сообраќајот.

-Било пријавено дека на паркинг простор на подрачјето на Чаир, поради претходно недоразбирање во сообраќајот, настанала расправија помеѓу две групи, при што било употребено огнено оружје, соопшти МВР.

Во инцидентот се ранети уште двајца, а полицијата соопшти дека се приведени 4-ца. Во рамки на истрагата, од местото на настанот се подигнати траги и чаури кои ќе бидат предмет на вештачење.

Обезбедени се и снимки од безбедносни камери кои се прегледуваат од истражителите на обвинителството.

Буњаку инаку е син на поранешен функционер на ДУИ, неговиот татко Екрем Буњаку до 2017-та бил директор на Техничкиот инспекторат и таа функција ја извршувал 8 години. Истрагата покрај првичните наводи за сообраќај како причина за инцидентот, проверува и други можни мотиви.