Во Нагорно Карабах било пукано врз автомобил со руски мировници, а во тој инцидент имало и жртви, соопшти руското Министерство за одбрана.
„На 20 септември, додека се враќале од набљудувачката станица на рускиот мировен контингент во реонот на селото Јањатаг, бил отворен оган од мало оружје кон автомобил со руски воен персонал. Воениот персонал кој бил во автомобилот се убиени во престрелката“, соопшти Министерството.
Руски и азербејџански истражители се на местото на нападот.
Ситуацијата во Карабах се влоши вчера, кога Азербејџан започна „локални антитерористички мерки“ во регионот со цел да го врати уставниот поредок.
Еден ден подоцна, Баку и Степанакерт објавија прекин на огнот.
Азербејџан појасни дека поставиле голем број услови, особено дека илегалните вооружени групи лоцирани во Карабах мора да ги напуштат борбените позиции и целосно да се разоружаат.
Во април 2023 година, азербејџанските граничари воспоставија контролен пункт на границата со Ерменија – на почетокот на патот во коридорот Лачин што води кон Степанакерт.
Ерменија рече дека Азербејџан грубо ја прекршил Трилатералната декларација од 2020 година, истакнувајќи дека блокадата на коридорот Лачин доведе до хуманитарна катастрофа во Нагорно-Карабах.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан во мај изјави дека Ереван го признава суверенитетот на Азербејџан заедно со територијата на Карабах.