– Европската фудбалска организација (УЕФА) како организатор на финалето во Лигата на шампиони (ЛШ) одржано лани во Париз сноси „примарна одговорност“ за сериозните инциденти што „за малку ќе предизвикаа катастрофа“, а претходеа на натпреварот меѓу Ливерпул и Реал Мадрид, утврди независната комисија ангажирана од Европската куќа на фудбалот.
Инцидентите се случија кога голем број навивачи на Ливерпул, дел од нив без влезници, а дел со фалсификувани билети, се обидоа во мај лани да влезат на стадионот во Париз за да го проследат финалето меѓу англискиот клуб и Реал Мадрид во рамки на финалето на фудбалската Лига на шампиони.
„Комисијата заклучи дека УЕФА, како организатор на настанот, сноси примарна одговорност за неуспесите кои за малку ќе доведоа до катастрофа“, се наведува во извештајот.
Во него стои дека пропусти во работата се идентификувани и во ангажманот на француската полиција и Фудбалската федерација на Франција, но се потенцира дека УЕФА сноси примарна одговорност, бидејќи имала централна улога во организација на финалето.
Комисијата наведе и оти реакцијата на локалната полиција, која употреби сила и солзавец во пресметката со англиските навивачи, била несоодветна, а голем дел од навивачите на Ливерпул воопшто не биле свесни дека поседуваат фалсификувани влезници за натпреварот.