Италијанските медиуми пренесуваат дека челниците на европската фудбалска куќа планираат новитет кој може да значи и ново поглавје во европскиот клупски фудбал.
Европската фудбалска унија (УЕФА) размислува за воведување специјална покана за Лигата на шампионите, пишува „Калчомеркато“.
Со „вајлд-карта“, слична на тенисот, УЕФА би им дозволила на клубовите надвор од „стариот континент“ да се натпреваруваат во Лигата на шампионите.
Се уште нема официјални потврди, но Италијанците шпекулираат дека главна причина за оваа иницијатива е фактот што голем број фудбалски ѕвезди заминале во Саудиска Арабија. И не само оние кои се на залезот на кариерата, туку и играчи кои се во најдобрите фудбалски години, како србинот Сергеј Милинковиќ-Савиќ.
Се шпекулира дека во елитното европско натпреварување би можеле да гледаме клубови како Ел Наср, Ел Итихад, Ел Ахли за кои настапуваат Кристијано Роналдо, Карим Бензема, Нголо Канте, Роберто Фирмино…
Лигата на шампионите веќе претрпе одредени промени, па од следната сезона ќе брои 36 клуба, наместо досегашните 32.