Очајна вечер е зад италијанскиот фудбалски гигант Јувентус. Откако беше казнет со одземање 10 бода поради финансиски малверзации, Јувентус претрпе тежок пораз во 36. коло на гостувањето кај Емполи, губејќи со резлутат од 1:4.
Овој ден Торино долго ќе го памети. На само неколку часа пред гостувањето кај Емполи, „Старата дама“ од Торино беше казнета со одземање 10 бода, а потоа на стадионот „Карло Кастелани“ го забележа првиот пораз по 24 години.
На италијанскиот гигант првично му беа одземени 15 поени поради финансиска измама. Откако клубот се жалеше, бодовите му беа вратени до крајот на новата процедура. Сега стигна конечната одлука. Апелацискиот суд на Италијанската фудбалска федерација го казни Јувентус со одземање на 10 бода, што ги комплицира неговите изгледи за во Лигата на шампионите.
По новата казна Јувентус падна на седмото место со 59 бодови, пет помалку од четвртата позиција која води во Лигата на шампионите. Тимот предводен од Масимилијано Алегри имаше можност да ја намали разликата од Милан на два бода со победата во Емполи, а потоа во недела пред своите навивачи во дербито против „Росоњерите“ ќе бара победа за враќање на позицијата што ја обезбедува Лигата на шампионите.
Сепак, Јувентус доживеа дебакл на стадионот „Карло Кастелани“. Загуби со 1:4, забележувајќи го првиот пораз во Емполи по 24 години.