Во болниците низ САД има сè повеќе случаи на трансплантација што вклучуваат обиди за отстранување органи од луѓе кои се уште се живи, пишува американскиот весник „Њујорк тајмс“.
Во последните неколку години, како што системот сè повеќе се обидува да го зголеми бројот на трансплантации, сè поголем број пациенти се соочуваат со предвремени или неуспешни обиди за вадење на нивните органи, според текстот, пренесува Танјуг.
Како што пишува весникот, во Западна Вирџинија, лекарите биле шокирани кога координаторите побарале од парализиран човек, кој престанал да прима седативи додека бил во операционата сала, да даде согласност за отстранување на неговите органи.
Болниците се одговорни за пациентите до нивната смрт, но некои од нив им дозволуваат на организациите за набавка на органи да влијаат врз одлуките за лекување, истакнува „Њујорк тајмс“.
Според весникот, вработените во неколку држави рекле дека виделе координатори како ги убедуваат болничките лекари да препишат морфиум, пропофол и други лекови за да ја забрзаат смртта на потенцијалните дарители .
Повеќето органи доаѓаат од луѓе со потврдена мозочна смрт
Трансплантацијата на органи во САД е процес што вклучува операции на трансплантација што ги извршува сложен систем на болници, лекари и координатори на непрофитни организации.
Повеќето органи доаѓаат од луѓе со потврдена мозочна смрт. Постои уште една форма на донација по смрт предизвикана од кардиоваскуларен застој.