Маж на мотоцикл пукал и ја убил инфлуенсерката Ом Фахад пред нејзиниот дом во Багдад, соопштија ирачките безбедносни претставници.
Неидентификуван напаѓач пукал во Ом Фахад во петокот додека таа била во својот автомобил пред куќа во областа Зајуна, објави Гардијан. Извор од безбедносните сили изјави дека напаѓачот изгледал како да се преправа дека доставува храна.
Ом Фахад стана позната по нејзините видеа на кои танцува на ирачка музика во тесна облека. Во февруари минатата година, судот ја осуди на шест месеци затвор за споделување „видеа со непристоен говор што ја поткопува скромноста и јавниот морал“.
Во 2023 година, ирачката влада започна кампања за чистење на содржината на социјалните мрежи што наводно ги нарушува ирачкиот „морал и традиција“.
Формирана е комисија на Министерството за внатрешни работи за да ги прочешла „ТикТок“, „Јутјуб“ и други платформи во потрага по клипови кои ги смета за навредливи.
Оттогаш, според властите, се уапсени повеќе инфлуенсери.
Видеото од убиството се појави на Јутјуб, но беше избришано.
И покрај годините на војна и секташки конфликт од американската инвазија во 2003 година, со која беше соборен Садам Хусеин, Ирак се врати на привидот на нормалност, според Гардијан. Но, граѓанските слободи за жените, сексуалните малцинства и другите групи остануваат ограничени во конзервативното општество.
Како што потсетува весникот, моделот и инфлуенсер Тара Фарес беше убиена во Багдад во 2018 година.