Украина обвини двајца руски војници за сексуално злоставување на 4-годишно девојче и групно силување на нејзината мајка, а таткото на девојчето гледал се под закана со оружје, пишува Ројтерс.
Според документите од украинското обвинителство, до кои Ројтерс имал пристап, тоа е едно од серијата воени злосторства извршени од руски војници на 15-та моторизирана стрелачка бригада во четири куќи во областа Бровари, во близина на главниот град Киев, во март 2022 година.
Министерството за одбрана на Руската Федерација не одговори на барањето на Ројтерс за коментар за случајот.
Двајца функционери во гарнизонот Самара, кој ја вклучува споменатата бригада, рекоа дека не можат да откријат информации за единицата, а еден рече дека тие се доверливи.
За време на неуспешниот обид на Москва да го заземе Киев на самиот почеток на инвазијата на 24 февруари, руските војници влегоа во Бровари неколку дена подоцна. Тие ограбувале куќи и станови, а сексуалната злоупотреба била наменета да послужи како тактика за заплашување на локалното население, соопштија украинските обвинители.
Тие прво ги издвоија жените, рекоа обвинителите, чии документи од 2022 година се засноваат на разговори со сведоци и преживеани.
Повеќето од наводните злосторства се случиле на 13 март, кога пијани војници упаднале во дворот на куќа во која живеело младо семејство, соопшти обвинителството.
Таткото бил претепан со метален лонец, а потоа принуден да клекне додека неговата сопруга била групно силувана. Еден од војниците му рекол на четиригодишното девојче дека „ќе направи жена од неа“ пред да почнат да ја силуваат, се наведува во документите.
Семејството го преживеа грозоморното злосторство, а обвинителите рекоа дека истражуваат други злосторства во областа, вклучително и убиства што се случиле во исто време.
Руската влада постојано ги негираше наводите за воени злосторства од страна на руски војници. Таа, исто така, негираше дека руските команданти во областа знаеле за злосторствата извршени од војниците.
Двајцата обвинети војници биле снајперисти, на возраст од 28 и 32 години, според документите. Постариот починал, а вториот, се вели, се вратил во Русија. Очигледно, неговото име е Јевхениј Черночнижни.
Кога Ројтерс ги побара идентитетите на двајцата војници, украинските обвинители го дадоа само името на помладиот маж.
Ројтерс се обидел да стапи во контакт со него преку телефонски број што го нашле на Интернет и го добиле братот на Черночнижни.
„Тој е мртов, нема шанси да стигнете до него. Тоа е се што можам да ви кажам”, рекол низ солзи.
Ројтерс не беше во можност независно да го потврди неговото тврдење.
Двајца снајперисти се меѓу шесте осомничени за нападите во Бровари. Обвинителите тврдат дека ова е една од најобемните истраги за сексуална злоупотреба од почетокот на инвазијата.
По ужасниот напад врз девојчето и нејзините родители, двајца војници влегле во соседната куќа во која живеел постар пар. Биле претепани, а силувале и 41-годишна трудница и 17-годишна девојка.
На друга локација, каде живееле неколку семејства, војниците ги однеле сите членови на семејството во кујната, а потоа групно силувале тинејџерка (15) и нејзината мајка. Сите жртви преживеале, соопштија обвинителите, додавајќи дека жртвите добиле психолошка и медицинска помош.
Во тек е прелиминарната истрага за можната улога на претпоставени воени функционери во сексуалните напади во Бровари, соопшти обвинителството.
Канцеларијата на јавниот обвинител соопшти дека истражува повеќе од 71.000 извештаи за воени злосторства што се случиле од почетокот на инвазијата.
Тие се свесни дека веројатноста за апсење и судење на осомничените е мала и дека потенцијалните судења би биле главно во отсуство, но тие исто така се потпираат на меѓународните напори за гонење на воените злосторства, вклучувајќи го и Меѓународниот кривичен суд.
Иако Москва веројатно нема да ги предаде осомничените, секој кој е осуден во отсуство може да биде ставен на меѓународна потерница, што ќе го отежне патувањето надвор од границите на Русија.
Ројтерс не потсетува дека Русија, исто така, ги обвини украинските војници за воени злосторства и егзекутирала 10 воени заробеници во тој процес.
Мисијата на ОН за следење на човековите права во Украина соопшти дека повеќето од десетиците наводи за сексуално насилство биле насочени кон руската војска.
Досега украинското обвинителство осуди 26 Руси за воени злосторства. Некои се воени заробеници, а на некои им се судеше во отсуство. Еден случај бил поврзан со силување.