Украина: Година дена потоа, новинарите се уште се на првата линија на фронтот

Конфликтот во Украина, за кој медиумите нашироко пишуваат, ги изненади уредништавта, а пред се новинарите кои се навикнати на воено известување од теренот, затоа што мораа да се прилагодат на неговото долготраење и невидената сила, како и на тешкотиите во проверката на некои информации.

За една година „12.000 украински и странски новинари беа акредитирани за известување, што е голема бројка“, изјави Жана Кавелиер од Репортери без граници (РСФ), додавајќи дека „теренот е многу достапен за редакциите, особено за европските.”

Но, пристапот е многу потежок, дури и невозможен, од другата страна на фронтот, истакнува британскиот новинар Тим Џуда (Економист), кој жали што не може самиот да се увери дали Украинците бомбардираат цивили во Доњецк, како што тврди проруската страна.

-Се обидуваме да ги правиме работите на балансиран начин, но вистината е дека е потешко на руската страна, изјави репортерот Емануел Пешот, кој дојде да му помогне на тимот на АФП во Киев.

Прес-турите организирани од руските власти за странски медиуми до летото 2022 година беа строго планирани и новинарите не можеа слободно да се движат. Оттогаш, и тоа се совпаѓа со тешкотиите на руската армија на теренот, западните медиуми повеќе не се поканети на првата линија и само внимателно избрани новинари/блогери можат да пристапат до руската фронт линија.

Дополнително, беа воведени казнени санкции за објавување на информации кои го „оцрнуваат угледот“ на руската армија.

Замор

Една година подоцна, Украина е сè уште на насловните страници, а конфликтот донесе многу пошироки економски и политички последици на меѓународно ниво од оној што трае од 2014 година во Донбас, на истокот на земјата.

Друг проблем, повеќе или помалку очекуван, се опасностите поврзани со работата на воените известувачи. Според статистиката на РСФ, осум новинари загинале, а 19 се ранети.

И иако таа невладина организација „во последните шест месеци не евидентирала смртни случаи“, опасноста не е помала. Напротив, тоа доведува до „екстремен ментален замор“ во тимовите кои се менуваат на теренот на секои три недели, изјави уредникот на информативната програма TF1, Тиери Тилие.

Бомбашки напади

Новинарот на Ал Џезира, Хода Абдел-Хамид, на прашањето на АФП, рече дека линиите на фронтот се „јасни“ и дека „опасните области се јасно разграничени“, иако „бомбардирања се можни и во градот“.

-Известував од Ирак и Авганистан, каде што владееше хаос и сиромаштија среде уништената инфраструктура, а војната дополнително ја влоши таквата состојба. Дополнително, се заканија тероризам, бомби со автомобили, напади со бомби, лажни контролни пунктови, борби меѓу бунтовничките групи. Во Украина јавниот ред е обезбеден и институциите функционираат“, изјави Абдел-Хамид.

Специјалниот дописник на шпанското радио Кадена Сер, Николас Кастелано вели дека неговата работа е „многу лесна“ во споредба со неговото искуство во Конго, Сомалија и Јужен Судан.

-Имате интернет во сите часови од денот, можете да испраќате информации насекаде и да се возите со воз, рече тој.

Повеќето од интервјуираните новинари изјавија дека дефинитивно ќе се вратат во Украина, каде конфликтот најверојатно „ќе трае долго“, оцени Емануел Пешо.

-Би сакала да бидам таму кога ќе има мир и преговори. Но, исто така, кога земјата ќе се обнови, рече новинарката на Франс Телевизија Мериз Бурго, која се врати од својата седма новинарска мисија од јануари 2022 година.