Киев постигна договор со Вашингтон за експлоатација на минерални суровини, што украинските власти го гледаат како можност да ги подобрат односите со администрацијата на Доналд Трамп и да го отворат патот за долгорочна безбедносна соработка со САД, пишува Financial Times (FT).
Киев би можел да го потпише договорот во Вашингтон на 28 февруари.
Украинските власти потврдија за весникот дека Киев сега е подготвен да потпише договор за заеднички развој на минерални ресурси, вклучително и нафта и гас, откако САД се откажаа од своето право на 500 милијарди долари потенцијални приходи од нивната експлоатација.
Иако договорот не содржи експлицитни безбедносни гаранции, украинската страна смета дека успеале да постигнат далеку поповолни услови и дека тоа е начин да се прошири соработката со САД со цел да се стабилизира Украина по три години војна.
„Договорот за минерали е само дел од поголемата слика. Постојано слушнавме од американската администрација дека тоа е дел од поголем план“, рече Ола Стефаншина, вицепремиер и министер за правда на Украина, која ги водеше преговорите.
Првичниот нацрт-договор, претставен од Доналд Трамп како начин Украина да им исплати на САД за воена и финансиска помош почнувајќи од 2022 година, предизвика бес во Киев и европските престолнини.
Откако претседателот Володимир Зеленски го одби предлогот минатата недела, Трамп го нарече диктатор и дури посочи дека Украина е одговорна за започнување на војната.
Според конечната верзија на договорот, од 24 февруари и видена од Фајненшл тајмс, ќе се формира фонд во кој Украина ќе плаќа 50 отсто од приходите од идната монетизација на минералните ресурси на државата, вклучувајќи нафта и гас, како и поврзаната логистика. Овој фонд ќе инвестира во проекти во Украина.
Сепак, договорот не ги опфаќа ресурсите кои веќе генерираат приходи за украинската влада, што значи дека не влијае на постојните активности на најголемите украински компании за нафта и гас, Нафтогас и Укрнафта.
Договорот не содржи американски безбедносни гаранции, на кои Киев првично инсистираше. Исто така, беа оставени отворени клучните прашања, како американското учество во фондот и условите за „заедничка сопственост“, кои ќе бидат дефинирани во следните договори.
Официјалните лица истакнаа дека овој договор е само „рамковен договор“ и дека нема да има финансиски трансакции додека не се формира фондот, што и дава време на Украина да ги реши преостанатите спорни прашања, вклучително и јурисдикцијата и правните аспекти на договорот.
Владата на Зеленски ќе мора да побара одобрение од украинскиот парламент, каде опозициските пратеници веќе навестија дека за договорот ќе се дебатира жестоко пред да биде ратификуван.
Каролин Левит, прес-секретарот на Белата куќа, во вторникот рече дека е „критично да се потпише овој договор“, но не даде дополнителни информации за напредокот на преговорите.