Еден од најблиските соработници на претседателот на Украина, Михајло Подољак, негираше вмешаност на украинските воени сили во саботирањето на гасоводите „Северен тек“.
„Украина нема никаква врска со инцидентот во Балтичкото Море и нема информации за проукраински диверзивни групи“, напиша Подољак на социјалната мрежа Твитер.
Претходно весникот NewYork Times, повикувајќи се на американски претставници, објави дека нападите на „Северен тек“ ги извршила проукраинска група.
Оштетување на три од четири крака на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ е откриено на 26. септември минатата година. Германија, Данска и Шведска не ја исклучуваат можноста дека станува збор за насочена диверзија.
Операторот на „Северен тек“, компанијата Nord Stream AG, соопшти дека на гасоводите е причинета невидена материјална штета и дека е невозможно да се процени кога ќе се санираат и реконструираат.
На 8. февруари американскиот новинар Сејмур Херш објави текст за неговата истрага за експлозиите на гасната мрежа „Северен тек“. Во написот Херш наведува дека за време на воените вежби на НАТО во летото 2022 година, американските нуркачи поставиле експлозив под цевководите „Северен тек“, кои биле активирани три месеци подоцна од Норвежаните.
Пентагон и Белата куќа објавија дека САД немаат никаква врска со тоа, а Стејт департментот повика да се верува на американската позиција.