Украинскиот премиер Денис Шмихал изјави дека од почетокот на руско-украинската војна, Украина добила вкупно 88 милијарди евра помош од Европската унија и од земјите членки на Унијата.
Во Брисел денеска се одржа деветтиот состанок на Партнерскиот совет ЕУ-Украина.
Украинскиот премиер оствари одвоена средба со високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел и со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји.
Тие разменија мислења за продолжување на воената поддршка на ЕУ за Украина, употребата на замрзнатите руски средства за потребите на Украина, подготовките за Глобалниот самит за мир и други прашања.
Шмигал на заедничката прес-конференција им се заблагодари на домаќините.
„Видовме дека нема алтернатива на патот кон членство во ЕУ. Ова е неповратен пат. Ова е прашање на блиска иднина, а не на далечна иднина. Сѝ требаме еден на друг сега, денес и секогаш. Единството е нашата сила за идните генерации“, рече украинскиот премиер.
Шмигал денеска во Брисел одвоено се сретна со шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, а по таа средба се обрати и пред новинарите.
Тој посочи дека Украина и ЕУ никогаш не биле пообединети во однос на заедничките вредности, желби и надежи.
„Добивме вкупно 88 милијарди евра помош од ЕУ и земјите-членки на ЕУ за повеќе од две години од почетокот на руската окупација“, рече Шмихал.
Тој додаде дека овие средства им овозможуваат да ја одржат макрофинансиската стабилност и одржливост на Украина и дека со овие средства можат да ги покријат најважните буџетски расходи.