– Украинскиот претседател Владимир Зеленски соопшти дека Киев започнал истрага за руски ракетен напад врз украинска бригада во југоисточниот украински регион Запорожје.
Украинските вооружени сили во саботата соопштија дека неколку војници од нивната 128. Планинска јуришна бригада загинале и повредени се во нападот изведен еден ден претходно.
„Моето сочувство до сите семејства и најблиски на загинатите војници! Тоа е трагедија што можеше да се избегне“, рече Зеленски за време на видеообраќањето доцна синоќа.
Тој, исто така, истакна дека бил информиран од министерот за одбрана Рустем Умеров за преземените мерки за расветлување на сите околности во врска со тоа што се случило, кој бил конкретно инволвиран и какви наредби биле дадени.
Зеленски рече дека е започната кривична постапка и дека соодветната истрага е во тек.
„Главна работа е да се утврди целосната вистина за тоа што се случи и да се спречи повторување на вакви инциденти. Секој војник во борбената зона – на линијата на огнот на непријателот и воздушното извидување – знае како да се однесува на отворено, како да осигури безбедност“, рече Зеленски.
Тој додаде дека истрагата „мора да им даде искрени одговори на семејствата на загинатите војници и на општеството за тоа како се случила оваа трагедија и дали биле издадени несоодветни наредби“.