Украина потврди дека изгубила еден од борбените авиони „Ф-16“, што неодамна почна да ги добива од своите западни сојузници. Авионот паднал за време на големиот руски воздушен напад во понеделникот, при што загинал пилотот, кој ја поминал обуката за овие авиони во 2023.
Украинската војска тврди дека причината за падот не е непријателски оган и додаде дека пилотот претходно успеал да собори четири крстосувачки ракети и еден дрон.
„Авионот паднал додека се доближувал кон следна руска мета“, соопшти генералштабот на војската.
И функционер од американското министерство за одбрана изјави дека причината за падот веројатно е пилотска грешка или механички проблем, што се истражува.
Рускиот портал Спутник пак наведува дека американскиот борбен авион бил соборен по грешка од украинската армија.