Украина се закани со бојкот на Летните олимписки игри (ЛОИ) 2024 во Париз доколку на нив им биде дозволен настап на спортистите од Русија и Белорусија, кои се исклучени од речиси сите меѓународни натпреварувања по руската инвазија врз украинската територија на 24 февруари лани.
Можноста руските и белоруските олимпијци и олимпијки да бидат поканети на ЛОИ 2024 ја навести вчера париската градоначалничка Ана Идалго, која изјави дека сака нивно учество, но без истакнување национални обележја.
Реагирајќи на најавата на Идалго, украинскиот министер за спорт Вадим Гутцаит, истакна дека такво сценарио е „неприфатливо за нашата држава“.
„Нашиот став е непроменет: Додека трае војната во Украина, руските и белоруските спортисти не треба да учествуваат на меѓународните натпреварувања. Доколку тоа не се почитува не ја исклучувам можноста од бојкот и наше одбивање да настапиме на Олимписките игри“, објави Гутцаит на социјалните мрежи