Професорот Мајкл Кларк, британски воен аналитичар за безбедност и одбрана, вели дека операцијата односно украинската контраофанзива се забрзува и дека моментот може да дојде во следните две или три недели.
Претходно Русија објави дека Украина го нападнала Крим со десетици беспилотни летала во еден од најголемите познати координирани украински воздушни напади на територијата под руска контрола.
Тој потег, тврди Мајкл Кларк – „е обид да се отсече Крим како извор на засилување и поддршка додека украинските трупи се движат кон стратешки важниот град Токмак“.
„Тоа ќе биде клучот – ако го постигнат тоа, на добар пат се да го освојат Мелитопол и брегот“, вели тој.
Мајкл Кларк, исто така, вели дека денес има извештаи за украински упад преку реката Днепар во јужниот регион Херсон, што би требало да доведе до опкружување на руските сили во областа.
„Постојат докази дека некои руски сили почнале да пукаат и се распаѓаат како резултат на контраофанзивата“, тврди Мајкл Кларк, додавајќи: „Но, треба да видиме многу повеќе докази за да знаеме дека Украина навистина го има главниот збор“.