– Украинскиот претседател Влaдимир Зеленски денес изјави дека на Украина ѝ се потребни „три придобивки“ од Западот.
По средбата со неговиот латвиски колега Едгарс Ринкевичс, Зеленски на прес-конференцијата изјави дека неговата администрација треба да ги убеди Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ) да одобрат нови транши на финансиска помош, како и да обезбедат членство на Украина во ЕУ.
„Ни требаат три придобивки. Првата придобивка е од (американскиот) Конгресот… Втора, ни треба поддршка од Европската Унија за да не отиде некаде пакетот од 50 милијарди (помош). Не сите во Европската Унија се подготвени да го поддржат овој пакет денес… Третата е (дека) треба да ја избегнеме заканата од вето од една или повеќе земји на ЕУ за одлуката за почеток на преговорите со Украина за приклучување кон заедницата“, рече украинскиот претседател.
Во октомври, американската администрација побара од Конгресот да алоцира дополнителни 106 милијарди долари за понатамошна помош за Украина и Израел, како и за спротивставување на Кина и Русија во азиско-пацифичкиот регион. Но, до денес барањето не е одобрено.
На 20 јуни, Европската комисија ги повика земјите на ЕУ да дадат дополнителен придонес во буџетот на Унијата за 2024-2027 година, кои се неопходни за да се одобри програмата за буџетска помош за Украина во износ од 50 милијарди евра во текот на следните четири години, и воена помош во износ од 20 милијарди евра.
Овој предлог беше дочекан со мал ентузијазам во земјите од ЕУ бидејќи нивните буџети настрадаа како резултат на антируските санкции. Поради тоа, долгорочните програми на ЕУ за помош на Украина сè уште не се усвоени.