„Руските сили напредуваат во четири области долж линијата на фронтот во источна Украина каде се водат жестоки борби“, изјави денес украинската заменик-министерката за одбрана, Хана Малиар.
„Непријателот напредува во областите Авдивка, Маринка и Лиман“, напиша таа во објава на социјалната мрежа Телеграм, додавајќи дека руските сили напредуваат и во областа Сватово.
Според неа, ситуацијата е „прилично тешка“ и на тој простор се водат „жестоки борби“. Таа посочи дека украинските сили напредуваат со „делумен успех“ јужно од Бахмут, како и во близина на Бердјанск и Мелитопол на југ. Хана Малиар информира дека на југ, украинските сили наидуваат на „интензивен непријателски отпор“, како и на мински полиња и дека напредуваат „постепено“.
„Украинските сили континуирано и неуморно работат на создавање услови за најбрз можен напредок“, додаде Хана Малиар.