Украински дронови удрија во Сибир: На мета рафинерија во Тјумен

Украински дронови извршиле напад во рускиот град Тјумен, во Сибир, оддалечен повеќе од 2.000 километри од линијата на фронтот, објави „Киев Индепендент“.

Локалните власти во Тјумен соопштија дека три украински дронови биле соборени над „индустриски објект“, без да има пријавени пожари, експлозии или жртви. Според нив, фабриката продолжила да работи без прекин.

Сепак, рускиот Телеграм канал АСТРА, повикувајќи се на жители на градот, извести дека целта на нападот била рафинеријата за нафта Антипински, во југоисточниот дел на Тјумен. Очевидци изјавиле дека слушнале експлозии и виделе противпожарни возила околу 20 часот по локално време.

Проукраински извори тврдат дека ова е најоддалечениот дрон-напад во историјата, изведен на повеќе од 2.000 километри од фронтот.

Руското Министерство за вонредни ситуации тврди дека во рафинеријата немало пожар, додека украинската страна засега не го коментирала инцидентот.

Украина во последните месеци ги интензивира нападите врз руските енергетски објекти, со цел да ја намали воената и економската моќ на Москва. Од август 2025 година, според Фајненшл тајмс, погодени се 16 од вкупно 38 руски рафинерии, што доведе до пад на извозот на дизел на најниско ниво од 2020 година.

Во понеделник вечерта украински дронови погодија и нафтен терминал во окупираниот Крим, додека руските власти воведоа нови мерки за стабилизирање на домашните залихи на гориво.