Украинците бараат ограничување на воениот рок и измена на законот за воена мобилизација

 – Украинците денес продолжија да протестираат со барање за измена на законот со кој се регулираат прашањата за воена мобилизација.

Собирите се одржаа во градовите Хмелницки, Криви Рих, Лавов, Одеса и Житомир. Демонстрантите бараа периодот на воена мобилизација да се ограничи на 18 месеци, а оние што веќе го отслужиле тој период во армијата да се вратат дома, пренесуваат украинските медиуми.

Десетици луѓе излегоа вчера на улиците и денес го продолжија протестот во помал обем.

Релевантната петиција за неопходните измени на законот беше објавена на веб-страницата на украинскиот претседател и собра 25.000 гласови неопходни за разгледување на предлогот.

Актуелниот Закон за воена служба не го дефинира рокот на службата на мобилизираните за време на вонредна состојба.

Општа воена мобилизација во Украина беше најавена во февруари 2022 година откако Русија започна војна против својот југозападен сосед.