Украина е во несогласување со нејзините клучни американски и европски партнери околу предлогот за формирање специјален суд за судење на рускиот претседател Владимир Путин и неговите највисоки функционери.
Киев замислува суд кој би наликувал на оној во Нирнберг, по Втората светска војна. Тие се залагаат за специјален меѓународен суд што би го основал генералното собрание на Обединетите нации. Киев смета дека овој формат ќе даде поголем легитимитет на постапката, ќе создаде поголемо меѓународно влијание, но и дека на тој начин ќе биде можно да се избегнат проблематичните несовпаѓања со сопствениот национален устав.
Но, украинските власти велат дека САД и некои од нивните најмоќни сојузници не сакаат да создадат преседан што би можел да им се врати како бумеранг, со оглед на нивните минати агресии во странство. Наместо тоа, западните партнери предлагаат две „хибридни“ опции кои би биле под украинска јурисдикција, но клучно – ништо од ова нема да го поништи правниот имунитет што го уживаат светските лидери.
„Тие сакаат хибридна опција, но и јас сум категоричен“, изјавил Андреј Смирнов за Newsweek. Андреј Смирнов е заменик-шеф на канцеларијата на претседателот Володимир Зеленски одговорен за преговори со странски партнери за специјалниот суд. „Не ни треба суд само за да имаме некаков форум или суд на правдата. Ова нема смисла“, вели тој.
„Предложениот модел на Украина сè уште не е поддржан од САД“, вели тој и додава: „И досега ниту Франција ниту Германија не го поддржаа“.
„Јасно ни е дека тие се загрижени за преседан! Моето прашање до нив е, во каква било воена мисија на која се приклучија САД и нивните сојузници, дали имало цел за анексија на која било територија ? Никогаш. Дали имало цел на геноцид ? Не. Имало ли цели за масовно убивање на цивили за да се извршат злосторства против човештвото? Не. Никогаш“, објаснува тој.
Андреј Смирнов вели дека на странските партнери можеби им е непријатно укинувањето на имунитетот на Владимир Путин, потег што може да ја отвори вратата за слични акции против други – можеби западни – лидери.
Меѓународниот кривичен суд собира докази поврзани со руските воени злосторства во Украина и исто така издаде налог за апсење на Владимир Путин. Меѓутоа, судот не е надлежен да гони кривични дела агресија. Никој, ниту САД, ниту Русија, ниту Украина не се страни во Римскиот статут кој го поддржува Меѓународниот кривичен суд.
Украинските власти предупредуваат дека неуспехот да се изведе Владимир Путин пред лицето на правдата би значело недоволна правда за напатената Украина – но дека исто така ќе ги охрабри другите автократи, како што е Си Џинпинг, да преземат агресивна воена акција.