Украинската војска почна да истрелува проектили наполнети со касетна муниција кон руските сили во југоисточна Украина за да ги пробијат нивните добро утврдени позиции кои ја забавуваат летната офанзива.
„Вашингтон пост“ ја пренесува изјавата на неименуван украински функционер кој за американскиот весник потврдил дека касетната муниција добиена од САД првпат била употребена за пробивање на рововите што ги блокираат напорите на украинските војници да ги вратат изгубените територии.
Се вели дека украинскиот функционер инсистирал на анонимност поради чувствителните воени операции.
„Вашингтон пост“ пишува дека првата употреба на касетна муниција што Украина ја доби од САД уследи по „тешката одлука“ на американскиот претседател Џо Бајден да дозволи испорака на оружјето, кое е забрането во голем дел од светот, минатата недела.
Весникот пишува дека организациите за човекови права, европските сојузници на САД и некои од функционерите на Демократската партија на Бајден ја критикувале одлуката на шефот на Белата куќа поради ризикот од цивилни жртви.
Се потсетува дека рускиот претседател Владимир Путин, говорејќи во неделата за касетна муниција, се закани со истиот одмазднички напад доколку тие бидат употребени против Русите .
„Вашингтон пост“ наведува, повикувајќи се на податоци на Обединетите нации, дека Путин ја дал наредбата иако Русија веќе користела касетна муниција во населените области на Украина во најмалку 24 наврати од почетокот на инвазијата на 24 февруари 2022 година.
Се потсетува дека касетните бомби, чија употреба е забранета од повеќе од 120 земји, експлодираат во воздухот над целта, испуштајќи стотици ситни бомби на површина со големина на неколку фудбалски игралишта.
Украинските власти, сепак, долго време бараат касетна муниција од САД за да го компензираат значителниот недостиг на артилерија, оружје и војници во споредба со руските сили.
„Вашингтон пост“ наведува дека украинската армија, покрај првите линии на фронтот на југоистокот на земјата, се очекува да користи и касетна муниција во близина на Бахмут, град кој сега е под руска контрола и место на најкрвавата и најдолгата битка од почетокот на војната.
Украинскиот генерал-полковник Олександр Сирски тврди дека воените сили под раководство на Киев создале услови да го вратат Бахмут под нивна контрола, бидејќи ја „до половина ја опколиле“ руската војска во тој град во Донбас .