Канцеларијата на украинскиот државен обвинител поднесе кривична пријава против Евгениј Пригожин, водачот на групата платеници Вагнер кои се борат на руската страна во Украина.
Пригожин е обвинет за посегнување по територијалниот интегритет и неповредливост на Украина и водење агресивна војна против Украина, пишува The Guardian.
Пригожин, долгогодишен сојузник на Путин, неодамна беше снимен како влегува во подрум во близина на источниот фронт во Украина, исполнет со тела на негови борци. Стануваше збор за борци кои загинаа во обид да го освојат Бахмут, град околу кој Русите и Украинците жестоко се борат со месеци.
Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари минатата година, Пригожин и неговата приватна воена група се позиционираа како многу важни актери. Бројот на „Вагнеровци“ порасна на околу 50.000, вклучително и десетици илјади поранешни затвореници регрутирани од затворите низ Русија.