Годинешниот претставник на Германија на Евровизија, Исак, мора да го смени текстот во песната „Always on the run“, со која ќе се претстави во мај во Малме . Зборот ‘s*it‘ треба да се отстрани од стихот ‘No one gives a s*it about what’s soon to come’ бидејќи според правилата е меѓу забранетите.
На Евровизија строго се забранети вулгарности и грозни зборови, како и политичките пораки. Сега изведувачот има задача да го промени целиот стих или само спорниот збор. Самиот пејач проговори за проблемот што го снашол на нешто повеќе од два месеци пред почетокот на Евровизија.
– Размислувавме и го цензуриравме. Воопшто не беше проблем – рекол Исак, пренесува HLN.
Исак има рок до 11 март да ја достави финалната верзија на песната.
– Пејачите кои учествуваат на Евровизија мора официјално да ја достават својата песна најдоцна до 11 март. Дотогаш, работата на избраните песни може да продолжи – објасни портпаролката на германската државна радиодифузна корпорација, пренесува магазинот Феникс.
Германскиот претставник кариерата ја започнал на улица како музичар, а потоа основал бенд. Пред 13 години учествуваше во музичкото талент шоу „Икс Фактор“. Во пандемијата 2021 година, тој победи во шоуто „Покажи го својот талент“.
Исак директно се квалификуваше за финалето на Евровизија бидејќи Германија како дел од „големата петорка“ и земјата која најмногу финансиски придонесува за организацијата, не треба да учествува во полуфиналните вечери. Минатата година Германците со бендот Lord of the Lost и нивната песна ‘Blood and Glitter’ го зазедоа последното место.