Владата на Унгарија, како дел од својата стратегија за вселенска индустрија, неодамна одлучи да испрати астронаут на Меѓународната вселенска станица (МВС), чија мисија од 30 дена ќе опфати тестирање на различна опрема и спроведување научни експерименти, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи, кое го споделија тамошните медиуми.
„Списокот на задачи што ќе ги извршува астронаутот ќе го состават претставници на унгарската вселенска индустрија и универзитети“, се нагласува во соопштението.
„Овие тестови значително ќе придонесат за развој на унгарските високотехнолошки индустрии со висока додадена вредност, било да се тоа здравствени науки или било кој друг развој поврзан со современите индустрии“, порача Петер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија.
Според информациите, унгарскиот астронаут ќе биде дел од четиричлена меѓународна мисија.
„Според договорот што треба да се потпише со Axia Space, мисијата ќе биде лансирана помеѓу октомври 2024 и почетокот на 2025 година“, најавува Петер Сијарто.
„Кога точно ќе се одржи мисијата ќе зависи од вселенските летови планирани од НАСА и МВС, како и од распоредот за обука на другите тројца меѓународни астронаути“, вели Петер Сијарто.
Тој истакна дека Унгарија ја намали листата на кандидати за вселенската мисија на четири кандидати.
„Тие ќе ја започнат првата фаза од обуката и тестирањето во Остин и Хјустон следниот месец, по што списокот на кандидати ќе се намали на двајца“, вели Петер Сијарто.
Вториот унгарски астронаут ќе биде избран непосредно пред лансирањето на мисијата.