Унгарските парламентарци, кои се во посета на Финска и Шведска, денеска не можеа да потврдат кога унгарскиот парламент ќе го ратификува приемот на овие скандинавски земји во НАТО.
Шефот на унгарската парламентарна делегација Чаба Хенде истакна дека почетокот на ратификацијата е ветувачки, но дека не сугерира кога и каква одлука ќе биде донесена.
Заменик-претседателот на Претставничкиот дом и член на владејачката унгарска партија Фидес, по средбата со финските пратеници во Хелсинки, нагласи дека обично се потребни пет до шест недели предлогот да помине низ механизмот за одлучување во парламентот.
Финска и Шведска аплицираа за членство во НАТО минатата година, по почетокот на конфликтот во Украина. Сите 30 членки на Алијансата мора да ги ратификуваат овие барања, но Унгарија и Турција се уште не им дале поддршка на овие скандинавски земји.
Процесот на ратификација во Унгарија е блокиран во парламентот од јули минатата година, а во февруари премиерот Виктор Орбан ги обвини Финска и Шведска дека шират „директни лаги за квалитетот на демократијата и владеењето на правото во Унгарија“.
Хенде рече дека некои Унгарци се навредени, како што ги нарече, од изјавите на нордиските претставници во Европскиот парламент за недостигот на демократија во Унгарија.
Претседателот на финскиот парламент, Мати Ванханен изјави дека унгарската делегација не поставила никакви услови за ратификација на кандидатурата на Финска за НАТО.
– Тие целосно признаа дека Финска ги исполнува критериумите за членство во НАТО и дека со тоа ќе се занимаваат исклучиво врз основа на пропишаните услови, рече Ванханен.