УНИЦЕФ: Секоја осма жена во светот била жртва на сексуална злоупотреба пред да наполни 18 години

Повеќе од 370 милиони девојчиња и жени ширум светот биле жртви на силување или сексуална злоупотреба во текот на нивното детство или адолесценција, според извештајот на УНИЦЕФ.

Тоа значи дека секоја осма девојка или жена била жртва на силување или сексуален напад пред да наполни 18 години, се вели во соопштението на Детскиот фонд на ОН.

Ако на овие напади се додадат и нападите во кои нема контакт, како што се вербалните напади на Интернет, бројот на погодени девојки и жени во светот е 650 милиони или секоја петта.

Директорката на УНИЦЕФ, Кетрин Расел, рече дека „сексуалното насилство врз децата е неподнослив напад врз колективната свест“.

Овие напади и силувања „предизвикуваат длабока и трајна траума и често се нанесуваат од доверлива личност, во средини каде што детето треба да се чувствува безбедно“, додава Расел.

Податоците за сексуалното насилство врз децата беа објавени во пресрет на 11 октомври, Меѓународниот ден на девојчето, прогласен од ОН.