Неколку згради се урнаа, а бројни патишта беа оштетени по серијата силни и разорни земјотреси што денеска ја погодија Јапонија. За само 12 минути на брегот на Хоншу беа забележани три земјотреси, а најсилниот беше 7,5 степени според Рихтеровата скала.
Локалните медиуми јавуваат дека има урнати згради, дека е причинета голема материјална штета на бројни објекти, а уништени се и многу патишта кои се отворија од силината на земјотресот.
Веднаш по разорниот земјотрес беше издадено предупредување за цунами, а во некои области веќе се забележани бранови високи и до 1,2 метри. Сè уште нема информации за жртви, а на социјалните мрежи кружат видеа кога тлото почнало да се тресе.
Илјадници луѓе ги напуштија своите домови и не им е дозволено да се вратат внатре поради страв од нови земјотреси.
Локалните медиуми јавуваат дека бројни жители од крајбрежните области се евакуираат пеш или со автомобил на безбедно.