Што со досегашните одлуки? Управниот суд ја поништи одлуката за избор на Елизабета Дуковска за уставен судија

Две години по изборот на Елизабета Дуковска за судија во Уставниот суд на Република Северна Македонија, Управниот суд донесе одлука со која го поништува тој избор. Одлуката на Собранието, донесена во 2023 година, беше предмет на спор поради наводни неправилности во постапката.

Со пресудата, Судот утврди дека изборот не бил во согласност со законските и процедурските стандарди кои се предуслов за ваква висока функција.

Ова отвора сериозни прашања за транспарентноста и легитимноста на институционалните одлуки, особено кога станува збор за органи како Уставниот суд, чие работење треба да биде темел на правната држава.

Министерот за правда Игор Филков изјави дека надлежност на извршување на пресудата на Управниот суд има само Собранието, односно во конкретниот случај Судскиот совет така што должност на Судскиот совет е согласно одлуката на Управниот суд да ја повтори постапката и да ги земе предвид препораките и да достави нов предлог до Собранието.

Управниот суд ја донесе ваквата одлука по две години од изборот на Дуковска, а прашан што ќе се случува со одлуките кои судијката ги има донесено во изминатите две години откако ја извршува функцијата, Филков рече дека ќе треба да се почека, да се види.

Очекуваме реакција од Собранието и понатамошни насоки за разрешување на оваа состојба.