Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денес ја започнува четиридневната посета на Западен Балкан, со цел да ги претстави деталите од планот за раст на Европската унија за регионот.
Урсула фон дер Лајен денес ја започна четиридневната посета на Западен Балкан, а покрај Скопје ќе ги посети и Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
„Ова ќе биде можност да се разговара за билатералната соработка, а особено подетално да им се претстави на регионалните лидери Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан“, соопшти претходно Европската комисија.
Претседателката на ЕК денес во Скопје ќе се сретне со претседателот на државата, Стево Пендаровски, а утре претпладне со премиерот Димитар Ковачевски.
Таа потоа ќе отпатува за Приштина, каде што ќе се сретне со претседателката и премиерот на Косово, Вјоса Османи и Албин Курти.
Урсула фон дер Лајен во вторник наутро ќе престојува во Подгорица каде ќе разговара со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и со техничкиот премиер Дритан Абазовиќ.
Во рамки на посетата на Србија, каде што ќе пристигне во вторник попладне, Урсула фон дер Лајен ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ.
Таа во среда во Сараево ќе разговара со членовите на Претседателството на БиХ и со претседателката на Советот на министри, Борјана Кристо.
Урсула фон дер Лајен ќе одржува прес-конференции за време на сите посети, соопшти Европската комисија.