Предлогот за изгласување недоверба на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не доби доволна поддршка во Европскиот парламент и беше убедливо одбиен.
На гласањето што се одржа денес, само 175 европратеници гласаа за недоверба, 360 беа против, додека 18 останаа воздржани.
Предлогот беше поднесен од десничарскиот романски пратеник Георге Пипереа, кој ја обвини Комисијата за недостиг на транспарентност и слабо управување, особено во однос на политиките поврзани со пандемијата на Ковид-19.
Во својот говор во понеделникот, Урсула фон дер Лајен ги отфрли обвинувањата, истакнувајќи дека нејзините противници не нудат реални решенија за актуелните политички предизвици и дека шират теории на заговор.
За предлогот да биде усвоен и да резултира со оставка на Фон дер Лајен и целиот тим од 26 еврокомесари, беше потребно двојно мнозинство: две третини од гласовите и апсолутно мнозинство од вкупно 720 пратеници.
Со ова, Урсула фон дер Лајен го задржува своето лидерско место на чело на Европската комисија и продолжува со мандатот, иако критиките од дел од десничарскиот блок и натаму остануваат.