Покрај војната во Украина, главни теми на говорот на претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за состојбата на Европската унија во Европскиот парламент следната недела ќе бидат и проширувањето и буџетските планови на ЕУ.
Се очекува на 13. септември во Стразбур претседателката на ЕК да зборува за миграцијата, напорите за намалување на ризикот од Кина, конкурентноста и индустриската политика, како и вештачката интелигенција, пишува весникот Politico.
Странските медиуми пишуваат дека минатиот викенд Урсула фон дер Лајен имала долг разговор со амбасадорите на земјите членки на ЕУ за тоа што би сакале да слушнат во нејзиното четврто годишно обраќање.
Војната во Украина, особено во светлината на нејзиното влијание врз буџетот на ЕУ, ќе биде клучна тема на говорот на претседателката на Европската комисија.
Како што соопштиле учесниците на состанокот, на дневен ред ќе бидат и плановите на Брисел за користење на замрзнатите руски средства, напорите за помош на Украина на нејзиниот пат кон членство во ЕУ и долгорочен мир.
Во исто време, балтичките земји повикаа на уште еден пакет санкции против Русија.
Се очекува Урсула фон дер Лајен во своето обраќање да повтори дека Европа ќе ја поддржува Украина се додека е потребно.
На средбата со претседателката на Европската комисија имало и повици да се продолжи со предлогот на ЕК за реформирање на Пактот за раст и стабилност на ЕУ.
Politico пишува дека тимот на Урсула фон дер Лајен како и секоја година е соочен со безброј желби да спомене нешто во говорот и затоа главна задача на претседателката на ЕК и нејзините говорници ќе биде да се фокусираат на клучните работи.
Еден дипломат открил дека се очекува Урсула фон дер Лајен наместо за „големи“ планови, а со оглед на тоа што ова се нејзините последни месеци на чело на ЕК, повеќе да зборува за главните достигнувања од нејзиниот мандат.
Говорот на Урсула фон дер Лајен за состојбата на ЕУ следната недела ќе биде нејзин последен од овој мандат, пред европските избори на почетокот на јуни 2024 година.