Усвоена резолуцијата на Генералното собрание на ОН за геноцидот во Сребереница

– Во Генералното собрание на Обединетите нации (ГС ОН) изгласана е резолуцијата -Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и осуда на негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници. За резолуцијата гласаа 84 држави, против беа 19, а воздржани 68 држави.

Подносители на Резолуцијата беа Германија и Руанда, како и 17 држави коспонзори, меѓу кои беше и нашата држава. Претставничката на Германија во ОН, Антје Лендертце, ја презентираше предлог-резолуција за Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

-Нашата иницијатива треба да им оддаде почит на жртвите и да им даде поддршка на преживеаните. Означувањето на 11 јули како Меѓународен ден на сеќавање на Сребреница треба да овозможи годишно одбележување на денот во ОН и да содржи јазик против негирање на геноцидот. Се шират лажни обвинувања за текстот на оваа резолуција, таа не е насочена против никого, особено не против Србија, ценета членка на организацијата, туку исклучиво против извршителите на геноцидот. Во нацрт-резолуцијата беа вклучени два амандмани, Црна Гора побара да нагласи дека одговорноста е индивидуална и не може да се однесува на ниту една етничка група, кажа таа.

Во дебатата пред глсањето претседателот на Србија рече дека е извршен притисок врз многу земји членки неколку дена пред одржувањето на заседанието на Генералното собрание на ОН да гласаат за резолуцијата и дека Србија е против изгласувањето на неа.

-Прашувам и барам одговор од моќниците зошто требаше да вршите толкав притисок врз земјите членки на ОН, зошто им се заканувавте на земјите кои не сакаа да гласаат за резолуцијата, имам десетици такви примери. Има еден мала земја од Балканот која ќе гласа против оваа резолуција, бидејќи ќе ја отвори Пандорината кутија, и вие ќе треба да одговорите на десетици обвинувања за геноцид. Тука не се работи за помирување, не се работи за сеќавање, туку за нешто што ќе отвори нови рани, не само во нашиот регион туку и во оваа сала, нагласи Вучиќ.

Од земјите кои гласаа против резолуцијата се Русија, Кина, Унгарија, Сирија, Куба, Белорусија, воздржани беа Индија, Бразил, Кипар и Грција и др, додека земјите од регионот и поранешна Југославија гласаа за резолуцијата.