Уставен остана без претседател

Уставниот суд остана без претседател. Судиите не можат да се договорат кој ќе седне на претседателската фотеља по Кацарска. По осум пропаднати гласања и одлуката на Ана Павловска Данева да ја повлече кандидатурата, нејзината против кандидатка Татјана Васиќ Бозаџиева не успеа да обезбеди шест гласа за да биде избарана за претседател, дури и како единствен кандидат во еден момент. Ниту Осман Кадриу , како нов предлог не ја доби поддршката од колегите. Од Уставен велат судиите ќе се консултитрале како ќе функционира судот понатаму, а одлуки ќе носеле колективно.

Со оглед дека се уште не е избран нов претседател на Судот, а со цел Уставниот суд да функционира непречено, судиите едногласно зазедоа став дека за прашањата кои се однесуваат на управувањето, да се одлучува колективно. Во делот на работата со предмети, Судот непречено работи, прима предмети и постојните предмети тековно се работат , предметите се поделени на судии и советници, велат од Уставен.

Ваквата статус кво ситуација во судот и можната уставна криза поради неизбор на нов претседател била причината за повлекувањето на Ана Павловска Данева. Васиќ Бозаџиева и Кадриу добиеле само по пет гласа, недоволни да бидат избрани.

Постапката за избор на претседател на Уставниот суд продолжува согласно членот 7 став 4 од Деловникот на Судот, според кој доколку кандидатот не го добие потребното мнозинство, постапката за избор на претседател се повторува. Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.

Покрај Кацарска, актуелни судии во Уставен суд се Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Татјана Васиќ Бозаџиева, Елизабета Дуковска, Јадранка Дабовиќ Анастасовска и Ана Павловска Данева.