Уставниот суд ќе оформи предмет за оценување на уставноста на „Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги”.
Како што информираат од Уставен суд, станува збор за Упатството донесено од страна на Министерството за правда на 29 мај 2023 година и кое изминатиот период предизвика голем интерес кај јавноста.
– Овој предмет е формиран согласно деловничките одредби кои даваат овластување на Уставниот суд и сам да поведе постапка за оценување на уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт, се вели во соопштението од Уставен суд.
Состанокот, информираат од Уставен, се одржал на предлог на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, а одлуката е донесена едногласно.
Согласно Делвникот, овој предмет е предаден на судија известител и советник на Судот и веќе се води претходна постапка за испитување на уставноста на Упатството.