– На 7 февруари ќе се спроведе спогодување за висината на цената која Цементарница УСЈЕ ќе ја плати како казна за загадување на амбиенталниот воздух. Висината на казната може да изнесува до 180.000 до 200.000 евра, а предвидена е и казна за управителот од 10.000 евра. Казната УСЈЕ ќе ја плати согласно прекршочната пријава на Државниот инспекторат за животна средина. Компанијата по интервенцијата на ДИЖС веднаш премина на греење од мазут на гас, постапувајќи по решението на Инспекторатот, од каде за МИА велат дека во ваквите случаи според закон е предвидена прекршочна пријава, која доколку субјектот не ја испочитува се преминува кон кривична и кон постапка за одземање на дозволата.
Инспектори од Град Скопје и од ДИЖС направија вонредни контроли во УСЈЕ при што утврдиле големо надминување на прагот на ПМ честичките кои предизвикуваат загадување на амбиенталниот воздух, за што градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, пак, поднесе кривична пријава.
На прес-конференцијата што се одржа на 12 јануари Арсовска изјави дека е регистрирано големо загадување во Цементарница УСЈЕ, но не наведе конкретни детали, по што од компанијата веднаш ја демантираа нагласувајќи дека нема отстапувања во параметрите кои се однесуваат на производниот процес, туку дека е регистирано надминување кај парниот котел што во тој период работи на мазут.
Имено, таа на тогашната прес-конфернеција посочи дека мерењата се извршени во два наврати и тоа на 26 и 27 декември минатата година и 3 и 4 јануари годинава.
– Во двата наврати измерени се огромни пречекорувања на дозволениот испуст на гасови и честици кои го загадуваат и нарушуваат квалитетот на амбиенталниот воздух. Конкретно, во месец декември минатата година, измерени се три пати повеќе ПМ10 честички кои се испуштаат во атмосферата, а слични резултати добивме и при мерењето кое е извршено на почетокот на овој месец. Станува збор за испуштање на три пати поголеми количини од дозволените, на метар кубен секој час, потенцираше тогаш градоначалничката.
Според мерењата наместо дозволениот максимум од 50 микрограми на метар кубен, од оџакот се испуштале 121 микрограми на метар кубен на секој час. Забележано било и зголемен испуст на азотни оксиди за најмалку двапати, односно наместо дозволените 350 милиграми на метаркубен, се испуштале 711 милиграми на метар кубен секој час.
По поднесувањето на кривичната пријава и информациите кои излегоа во јавноста, побаравме став од директорот на ДИЖС Сретен Стојковски, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, како и од Цементарница УСЈЕ.
Стојковски нагласи дека Инспекторатот постапил согласно законот како и во претходните такви случаи, односно дека е поднесена прекршочна пријава со што се бара спогодување за казна од трета категорија за што паричниот надомест е во висина од 180.000 до 200.000 евра, како и казна за управителот од 10.000 евра. Исто така за УСЈЕ е издадено и решение со кое се предвидува компанијата да прекине да користи мазут за загревање, односно повторно да се користи гас. Тој додаде дека на 7 февруари ќе се спроведе спогодување со цел да се утврди казната.
– Во Цементарница УСЈЕ преминаа на греење на гас. Во тек се мерења на двата котели што ги користат за загревање и се прават мерења на сите емисиони точки во Цеметрницата. Така да за наредната недела, за 7 февруари е закажано спогодувањето при што е предвидена санкција до 200.000 евра. На спогодувањето ќе ја дадеме документацијата со којашто располагаме и мерењата. Од компанијата ќе ги кажат нивните аргументи и комисијата ќе донесе одлука во однос на висината на казната за Цементара и за управителот на фирмата. За управителот казната е 10.000 евра, наведе Стојковски.
Во однос на кривичната што ја поднесе Арсовска, Стојковски посочи дека не може да ги коментира постапките и изјавите на градоначалниката, но нагласи дека согласно Законот за тој прекршок до сега кај различни правни субјекти поднесувале барање за спогодување за казна од трета категорија за што санкцијата се движи од 180.000 до 200.000 евра.
– Тие треба парично да платат и имаат обврски согласно решението што го издал државниот инспектор за животна средина, си имаат преземено обврски по кои треба да постапат, а доколку не постапат по истите ќе покренеме и кривична постапка и постапка за одземање на дозволата, потенцираше директорот на ДИЖС.
Тој образложи дека во случаи, како што е случајот со УСЈЕ прво се оди на спогодување, а потоа на спроведување на решението и доколку уште еден пат се случи Цементара УСЈЕ повторно да направи такво загадување тогаш се покренува кривична постапка.
– Не може прво кривична постапка каде што во Законот е предвиден прекршок за тоа нарушување на животната средина. Точно конкретно е напишано за кој прекрошок каква казна следува, додаде Стојковски.
Министерот Нуредини во изјава за МИА, дециден дека сите инсталации кои имаат А Интегрирана дозвола мораат да работат во рамки на она што е пропишано со неа.
– Сите инсталации во државата мора да почитуваат законите и дозволите коишто тие ги добиваат од наши стручни лица во Министерството. Ако употребуваат нешто што не било предвидено во дозволата, треба да си ги сносат последиците, нагласи Нуредини.
Тој посочи дека откако е дојде на функција постојано зборува за промена на начинот на греење, односно за исфрлање на мазуот од употреба. Тој истакна дека тоа е стратегија на државата.
Министерот додаде дека во неговиот мандат е променет и Законот за казни за прекршоци кои се однесуваат на загадување на амбиенталниот воздух, односно дека е зголемата висината на казната. Претходно, највисоката казна за загадувачите изнесуваше 90.000 евра, сега истата може да достигне до 200.000 евра.
Нуредини посочи дека со новиот Закон за индустриски емисии сите правни субејкти кои поседуваат А – Интегрирана дозвола ќе бидат задолжени да поднесуваат извештаи за часовни мерења на емисиите.
Од УСЈЕ за МИА нагласија дека како одговорна компанија веднаш ги имплементирале препораките на ДИЖС.
Од компанијата посочија дека е направена замена на енергентот во котларата за загревање на просториите, каде повторно се користи природниот гас.
– УСЈЕ работи согласно пропишаната регулатива и ние во тие рамки ќе продолжиме со законски утврдената постапка за утврдување на состојбите и согласно на тоа прифаќање на мерките што ќе произлезат од истата. Нашата компанија веднаш ги имлементираше мерките што ги наложи ДИЖС, но останува фактот дека многу институции и приватни субјекти во Скопје користат мазут, а досега не сме информирани дека кај нив е направена контрола, ниту пак знаеме каков е ефектот од нивното работење врз околината. За жал, целата ситуација беше искористена во политички цели и бевме обвинети за состојби, кои се целосно невистинити и не се поврзани со нашето работење, истакнаа од Цементарница УСЈЕ.
Оттаму потенцираа дека сите активности во УСЈЕ се одвиваат под независен 24-часовен мониторинг систем од германскиот производител SICK, кој е калибриран и контролиран од овластени независни надворешни компании.
– Овој монтиторинг континуирано ги мери емисиите, а нема никакви можности за какви било влијанија врз него. Имено, во индустријата е познато дека производниот процес се одвива во строго определен режим и на него не може да се влијае. Тоа го потврдуваат фактите и научните истражувања и овие аспекти можат да се проверат. Таквите проверки потврдуваат дека УСЈЕ со својата работа не придонесува за состојбите со амбиенталниот воздух во главниот град, потенцираа од УСЈЕ.
Од компанијата неведоа дека поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, од окотомври минатата година за загревање на просториите се употребувал мазут.
– На крајот на октомври 2022, веднаш по пуштањето на котелот во работа, на барање на Цементарница УСЈЕ, акредитирана лабораторија направи контролни мерења на емисии во воздухот при работа на котелот со мазут, а резултатите од мерењата беа во рамки на Граничните Вредности на Емисии (ГВЕ). При вонредната контрола од страна на Инспекторат, кај парниот котел, кој не е дел од производниот процес и е исклучиво наменет за загревање на просториите, беше регистрирано отстапување кај еден параметар од мерењата, при нестабилна работа на котелот (температура и проток на гасови). Сакаме да потенцираме дека се работи само за еден параметар кој е над дозволените граници, потенцираа од УСЈЕ.
По сите случувата од Цементарница УСЈЕ секојдневно информираат за измерените параметри.
Скопје со години се соочува со висок праг на загадување на амбиенталниот воздух, особено во зимскиот период од годината. Според властите едно од трајните решенија за проблемот е промена на начинот на греење, односно изградба на гасовод.