Утре (23 ноември), акција за пошумување на месноста „Топлик“ во Гевгелија

Утре (23 ноември 2024 година), во општина Гевгелија се организира акција за пошумување во месноста „Топлик“. Акцијата, под мотото „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“, ја организира Општина Гевгелија во соработка со ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, Шумско стопанство „Кожув“- Гевгелија и ОО Црвен крст- Гевгелија. Имено, ќе бидат засадени 5.000 садници багрем и чемпрес. Пошумувањето беше најавено со прес-конференција, на којашто излагања имаа градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов; директорот на ЈПКД „Комуналец“, Раско Чочков; раководителот на ШС „Кожув“, Златко Митров и секретарот на ОО Црвен крст- Гевгелија, Лазар Мешков.

Како што истакна градоначалникот Сарамандов, оваа акција има за цел да го надомести недостигот и намалувањето на шумската маса поради преголемата суша и предизвиканите пожари на подрачјето на општина Гевгелија, но и да ја подигне јавната свет за важноста на зелените површини и нивната улога во животната средина.

– Од таа причина, а водејќи се од обврската за грижа кон животната средина, дојдовме до идеја за организација на една општествено значајна иницијатива за масовно пошумување. Во акцијата ќе бидат вклучени повеќе јавни институции и општествени и граѓански организации, бидејќи заеднички ќе покажеме дека сите сме посветени на обновување на природата во прекрасните предели на нашата Гевгелија. Ги повикувам сите мои сограѓани, да се вклучат на иницијативата за масовно пошумување на нашиот „Топлик“. Секое засадено дрво е садење на иднината на нашите деца- рече Сарамандов.

Исто така, за успешна реализација на еко-акцијата и утврдување на деталите, се одржа координативен состанок помеѓу претставници на институциите и НВО-секторот, со цел ангажман на заедницата и вклучување на населението во заедничката акција и волонтирањето.

Збирното место е пред ТППЕ- Гевгелија, од 7:00 часот.