Училиштата во Србија утре во штрајк: Се бара поголема безбедност

За петок, 5 мај, повеќе синдикати на просветни работници најавија целосен прекин на работата при што вработените ќе бидат во училиштата, но нема да се изведува настава

Наставата во училиштата во Србија денес започна со едноминутен молк за да им се оддаде почит на настраданите ученици и вработени во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград. Настава утре веројатно нема да има, имајќи предвид дека синдикатите на просветните работници, загрижени за својата безбедност, најавија штрајк.

За петок, 5 мај, повеќе синдикати на просветни работници најавија целосен прекин на работата при што вработените ќе бидат во училиштата, но нема да се изведува настава.

Граѓанскиот синдикат на просветните работници на Србија „Независност“ бара итно поставување детектори за метал на влезот во основните и средните училишта, задолжително ангажирање професионално обезбедување и подобро организирање на работата на училишните полицајци.

„Бараме и забрана за промовирање и јавно појавување на сите осудени криминалци и злосторници, како и сите ријалити емисии во кои учесниците насилно се однесуваат“, се бара во соопштението на „Независност“.

Синдикатот на работниците во образованието на Србија наведува дека ќе стапи во штрајк со цел исполнување на следниов услов:

„Обезбедување на сите вработени во образованието, почитување на достоинството на личноста на работа, работа на работно место и во работна околина во кои се спроведени мерки за безбедност и здравје на работа.“

Од Унијата на просветни работници на Србија се наведува дека нивната професија е деградирана, а животите на учениците и на сите вработени се загрозени.

„Живееме во општество во кое сѐ повеќе се присутни агресијата и насилството: вербално, медиумско, физичко… Тоа не само во училиштата туку и во целокупното општество го доживеа својот врв. Како општество, изневеривме, како држава затаивме. Србија треба да стане и да се запраша до каде стигнала и каде и како по ова“, се вели во соопштението на Унијата.

Синдикатите им изразија сочувство на семејствата на настраданите, а на повредените им посакаа брзо закрепнување.

Од Министерството за образование на Србија во училиштата пристигна допис во кој се вели дека натпреварите планирани за овој викенд треба да започнат со едноминутно молчење, а излетите, екскурзиите и наставата во природа планирана до крајот на неделава, доколку е можно, да се одложат. Во Србија е прогласена тридневна жалост од петок до недела.

Осум деца и еден припадник на училишното обезбедување се убиени вчера во вооружен напад во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во белградската населба Врачар. Шест ученици и една наставничка се ранети, а напаѓачот К.К., ученик во седмо одделение во истото училиште, е приведен откако сам ја повикал полицијата.

Граѓаните од повеќе градови во Србија синоќа се собраа на плоштадите, каде што со палење свеќи им оддадоа почит на жртвите, а слични собири низ Србија се најавени и за денес.

TRT Balkan