Училиште во Тексас одлучи носењето целосно црна облека да го третира како кршење на правилата за облекување, наведувајќи ја загриженоста за менталното здравје на учениците.
Оваа одлука ја донесе средното училиште Чарлс, кое е дел од независната училишна област Ел Пасо. Забраната важи за сите студенти. Во писменото обраќање до родителите, директорот на споменатото училиште Ник ДеСантис истакна дека во училишниот кампус преовладувало облекување во црни кошули и црни панталони.
Како што напиша тој, таквото облекување станало повеќе поврзано со депресија и проблеми со менталното здравје и/или криминал отколку со среќни и здрави деца кои се подготвени да учат.
Претседателката на Здружението на наставници во Ел Пасо, Норма Де Ла Роса, истакна дека новиот кодекс на облекување одредува во кои денови е можно да се носи црна гардероба. Таа тврди дека наставниците забележале промена во начинот на облекување на учениците кога се под стрес или депресија.
„Промената на кодексот на облекување е одговор на загриженоста и препораките од средното училиште Чарлс“, рече Де Ла Роса.
Сепак, новите правила предизвикаа различни реакции кај родителите и другите. Еден од корисниците на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека на властите ќе им беше подобро доколку се посветеа на решавање на проблемот со злоупотребата на децата, за кој наведе дека е поголема грижа за менталното здравје.
Дополнително, некои истакнаа дека тоа не ги решава причините за психичките проблеми на учениците и дека оние кои ги имаат овие проблеми само ќе бидат казнети, јавува Би-Би-Си.