Уште една болница во јужниот дел на Газа згаснува со работа поради недостиг на гориво

– Уште една болница во јужниот дел на Појасот Газа прекина со работа бидејќи нејзините генератори за струја останаа без гориво поради континуираниот израелски напад врз Газа.

Палестинската државна новинска агенција Вафа цитирајќи медицински извори истакна дека Европската болница во Газа во близина на градот Хан Јунис, една од неколкуте преостанати болници во уништената од војната енклава, престанала со работа поради недостиг на гориво, со што животите на стотици пациенти и повредени лица се во ризик.

Недостигот на гориво е како резултат на континуираните израелски бомбардирања низ источна Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, како и областите во бегалскиот камп Џабалија на север.

Откако израелската војска минатата недела го окупира преминот Рафа, протокот на помош, медицински материјали и гориво запре, што ги влоши веќе екстремните хуманитарни услови низ Појасот Газа.

Израел започна брутална офанзива врз Појасот Газа како одмазда за нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа 1.200 луѓе.

Оттогаш, во израелските напади во Газа загинаа речиси 35.180 Палестинци, главно жени и деца, а над 79.000 се повредени, според палестинските здравствени власти.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП). Во привремената пресуда во јануари се вели дека е „веродостојно“ дека Тел Авив врши геноцид во Газа, наредувајќи му да ги запре таквите акти и да преземе мерки за да гарантира дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.