Уште околу 1.000 домови беа поплавени во рускиот град Оренбург до недела наутро, но нивото на водата на реката Урал, која тече низ градот, почна да се намалува, соопштија властите.
„Минатата ноќ беше сè уште доста напната“, рече заменик-градоначалникот Алексеј Кудинов, пренесе руската државна новинска агенција РИА.
„Речиси 1.000 домови беа поплавени во последните 24 часа “, додаде тој.
Урал почна да се повлекува во неделата наутро, објави администрацијата на Оренбург преку апликацијата за пораки Телеграм. Властите во јужниот руски град во близина на Казахстан во петокот предупредија илјадници жители веднаш да се евакуираат бидејќи големите реки се излеаа од коритата по историските поплави од топењето на снегот.
Нивото на водата продолжи нагло да расте во руската област Курган, источно од Оренбург и на границата со Казахстан. Официјални лица изјавија за државната новинска агенција ТАСС дека неколку населени места долж реката Тобола се очекува да бидат поплавени во следните неколку дена. ТАСС јави дека околу 770 домови биле поплавени во регионот во 24 часа до недела наутро.