Дваесет и шестгодишен жител на Скопје е приведен откако ноќеска, управувајќи патничко возило „Мицубиши Аутлендер“ со скопски регистарски ознаки, удрил во 78-годишен велосипедист, кој за жал починал на самото место.
Според информациите од МВР, несреќата била пријавена во СВР Скопје 10 минути по полноќ на булеварот „Киро Глигоров“. Возилото го управувал К.В. (26) од Скопје, а велосипедистот Б.К. (78), исто така од Скопје, им подлегнал на повредите пред пристигнувањето на Итната медицинска помош, чиј лекар ја констатирал неговата смрт.
На местото на несреќата увид извршиле екипа од СВР Скопје и јавен обвинител. По нивна наредба, телото на починатиот било предадено на обдукција. Возачот К.В. бил лишен од слобода и приведен во Полициската станица Кисела Вода за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.