УЈП: Исплатата на средствата од Мој ДДВ продолжува, треба да заврши до крајот на месецот

До крајот на месецот граѓаните треба да ги добијат средствата од апликацијата „Мој ДДВ“ на своите сметки.

Од Управата за јавни приходи денеска информираа дека исплатата продолжува и дека заклучно со денешниот ден се исплатени средства на 344 илјади корисници, додека за обработка остануваат 152.543 корисници.

„Во тек е исплатата на Мојот ДДВ, заклучно со денешниот ден, 19.02.2025 година Од вкупно 496.543 корисници на Мој ДДВ, исплатени се средства на 344.000 корисници. Во наредните денови, до крајот на февруари, кога е крајниот рок за исплата на средствата за последниот квартал од 2024 година, ќе се обработат податоците за 152.543 корисници и средствата ќе бидат уплатени на нивните сметки. За скенирање на фискални сметки во периодот октомври-декември 2024 година, на корисниците на Мој ДДВ ќе им бидат исплатени над 870 милиони денари врз основа на апликацијата Мој ДДВ“, велат од УЈП.

Промената на податоците во врска со ажурирањето на трансакциската сметка треба да ја вршат само оние корисници на „Мој ДДВ“ кои при претходните плаќања не примиле средства за скенирани сметки, поточно во претходните квартали не им биле исплатени средствата.