Синоќа, ПСЖ за првпат стана европски шампион откако го демолираше Интер со 5:0, а интересно е што веројатно најдобриот играч на тимот, Усман Дембеле, не се запиша во листата на стрелци во финалето.
Сепак, одличниот Французин повторно даде неизмерен придонес и запиша две асистенции. Во 20-тата минута му асистираше на Дуе за 2:0, а во 73-тата минута му асистираше на Кваратскелиа за 4:0.
Дембеле на тој начин ја круниса феноменалната сезона, која ја заврши со 54 одиграни натпревари во дресот на ПСЖ.
Тој постигна вртоглави 35 гола и додаде 13 асистенции, што значи дека учествувал во дури 48 голови на својот тим во 54 одиграни натпревари.
Дембеле беше најдобар стрелец во француската Лига 1, а може да се пофали и со освојување на четири трофеи оваа сезона.
Откако ги освои Лига 1, Купот на Франција и Суперкупот на Франција, синоќа беше ред на Лигата на шампионите да ја заврши фантастичната сезона во која тој ќе биде легитимен кандидат за Златната топка.
Инаку, Дембеле беше придружуван од неговата мароканска сопруга и двегодишната ќерка на прославата по освојувањето на Лигата на шампионите.