Остатоци на антички римски товарен брод, кој потонал пред повеќе од 2.000 години, се пронајдени во близина на брегот на Рим, соопшти во петокот одделот за уметност на италијанската полиција, јавуваат тамошните медиуми.
Бродот се наоѓал во морето во близина на пристаништето Чивитавекија, на околу 80 километри северозападно од главниот град на Италија, на песочно морско дно на длабочина од околу 160 метри, соопшти специјалната полиција.
Бродот, кој се проценува дека е долг повеќе од 20 метри и датира од I или II век од п.н.е., а носел стотици амфори, кои главно биле пронајдени недопрени.
„Извонредното откритие е важен пример за бродолом на римски брод кој се соочил со опасностите на морето во обид да стигне до брегот и сведочи за старите поморски трговски патишта“, соопштиле италјанските власти, пренесуваат тамошните медиуми.
Потонатиот брод бил лоциран и снимен од робот на далечински управувач, а се уште не е јасно дали властите ќе се обидат да го извлечат бродот или неговиот товар од дното на морето.