Карл О’Киф (49 г.) од Ланкастер, ги носел децата на роденденска забава во авантуристичкиот центар Kong Adventure во Кесвик на 22. април кога се лизнал и се заглави во тесен тунел на затворена пештера кај туристичката атракција Lake District четири часа. Тој починал осум дена по фаталната несреќа, пишува Daily Mail.
Искусниот алпинист се здобил со сериозни модринки и откако вработените во центарот не успеале да го спасат, на местото на настанот се упатиле воздушната итна помош, противпожарните екипи и спасувачите на пештерата. Тие го ослободиле со демонтирање на делови од ѕидните панели за качување за да добијат пристап до скриените тунели.
„Како што одминуваше времето, растеше загриженоста за здравјето на заробениот човек бидејќи тој беше во статична положба во затворен простор“, изјавиле спасувачите од Кесвик за тамошните медиуми.
Човекот бил итно пренесен во болницата „Cumberland“ во Карлајл, каде што починал во неделата.
„Бев со него од денот кога беше префрлен на интензивна нега. Стана очигледно дека повредите се тешки и дека нема да преживее. Потоа беше преместен во приватна соба и можев да останам со него за да може достоинствено да го испратам на оној свет. Моето срце е скршено. Како и остатокот од нашето семејство“, изјавила неговата сестра Оливија Шорт за тамошните медиуми.
„Карл беше посветен родител и ќе остави голема празнина во животот на своите деца… Често можевте да го видите со темни очила и шешир од федора бидејќи беше фотофобичен. Имаше брилијантен ум и беше во процес на пријавување за да започне докторат по астрофизика… Не можеме доволно да нагласиме каква неверојатна работа направиле службите за итна помош во овие многу тешки околности“, изјавил остатокот од неговото семејство, додавајќи дека барем во спасувањето на Карл учествувале 50 луѓе.
„Животот е толку неправеден и суров… Каква апсолутна трагедија, кутри негови деца, што денот на авантурата заврши со губење на нивниот татко. Толку потресно“, искоментирале пријателите на социјалните мрежи.