Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд остро ги критикуваше „злонамерните гласини“ кои фрлаат сомнеж за неговата иднина на „Олд Трафорд“, каде што се бори да ги повтори добрите игри од минатата сезона.
„ Ве молам престанете да ширите злонамерни гласини“, напиша тој на социјалната мрежа Х, како одговор на видеото од медиумите на клубот управувани од навивачите, со наслов :
„Во прашање е доведена иднината на Рашфорд? “.
26-годишниот играч оваа сезона постигна само еден гол на 14 настапи во сите натпреварувања, што е далеку од неговите одлични перформанси минатата сезона кога постигна 30 гола и 11 асистенции.
Неговиот пад во формата се совпаѓа со лошиот почеток на сезоната за Јунајтед, кој во првите 11 кола има шест победи и пет загуби и е само осмо на табелата во Премиер лигата.
Англискиот репрезентативец се најде на удар на критики откако беше забележан во ноќен клуб неколку часа по дерби поразот од Манчестер Сити на Олд Трафорд на 29 октомври.
„ Тоа е неприфатливо и му го кажав тоа. Тој се извини и тоа е тоа… Тој е многу мотивиран да ги сврти работите во своја корист. Знам колку напори прави. Тој е целосно со нас“, рече тренерот на Јунајтед, Ерик тен Хаг .
Рашфорд потоа го пропушти првенствениот натпревар против Фулам кој неговиот тим го доби со 1:0, а тренерот како причина за неговото отсуство го наведе физичкиот проблем.