Четиринаесет вработени во американско засолниште за животни завршија во болница откако Федералното биро за истраги (ФБИ) запали околу еден килограм запленет метамфетамин во крематориумот на објектот.
Инцидентот се случил во засолништето за животни во долината Јелоустоун во Билингс, Монтана, кога просторијата се наполнила со чад, а биле евакуирани и 75 мачки и кучиња.
Крематориумот, кој вообичаено се користи за отстранување на мртви животни, повремено од страна на локалните власти им се предава на полициските агенции за уништување на конфискуваните наркотици. Меѓутоа, овој пат поради негативниот притисок, чадот се турнал во спротивна насока, што предизвикало контаминација на зградата, објасни заменик-градскиот администратор Кевин Ифланд.
Директорката на азилот, Тринити Халверсон, изјави дека не била информирана за палењето на дрогата. „Со сигурност можам да кажам дека, како извршен директор, не знаев дека на лице место се уништуваат исклучително опасни наркотици. Потврдено е дека мојот тим и моите животни биле изложени на метамфетамин“, изјави таа.
Пред да го напуштат објектот, многу работници ставија маски и помогнаа во извлекувањето на животните. Некои беа изложени на чад повеќе од еден час, по што се соочија со здравствени проблеми. Сите завршија во одделот за итни случаи, каде што поминаа три часа во хипербарична комора за да се опорават од последиците од вдишување чад.
Портпаролката на ФБИ, Сандра Баркер, потврди дека агенцијата редовно користи надворешни објекти за контролирано уништување на запленетата дрога.
Засолништето објави дека животните кои имале најголем контакт со чадот добиле ветеринарна помош и биле преместени во привремен сместувачки капацитет, додека леглата од мачиња кои биле затворени во просторијата со чадот се следат особено.
Зградата моментално е во процес на деконтаминација, а се очекува работата да трае најмалку две недели до еден месец. Халверсон го нарече настанот „срцекршачки“ и апелираше до јавноста да помогне со донирање храна, ќебиња и други потребни работи за животните.